Во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров изграден е нов спортски терен со вештачка трева, на површина од 800 метри квадратни – безбеден и модерен простор за спортување, тренинг и игра за учениците и младите од околината.

Овој терен не е само инвестиција во инфраструктурата, туку симбол на континуитетот на спортскиот дух што живее во нашата општина. Токму тука, на ова училишно игралиште, своите први фудбалски чекори ги направи и денешниот македонски репрезентативец Даниел Аврамоски – фудбалер со богата кариера низ клубови како ФК Македонија Ѓорче Петров, Црвена Ѕвезда, Олимпија Љубљана, Војводина, Сараево, Вардар и моментално успешен играч во Турција.

„Вакви терени се од огромно значење. Радува што денешните деца имаат можност да тренираат во безбедни и квалитетни услови,“ истакна Аврамоски, кој со своето присуство на теренот испрати силна порака до сите млади таленти: дека големите приказни почнуваат токму од вакви места.

Со него беа и младинскиот фудбалски тренер Александар Таневски – Клајне, еден од најперспективните стручњаци во земјава, Горан Јовчевски – Џивџи, наш врвен играч во мал фудбал, пратеникот Бојан Стојаноски, како и градоначалникот Александар Стојкоски, кој нагласи:

„Инвестициите во спортот се инвестиции во здравје, карактер и иднина. Горди сме што сè повеќе деца од Ѓорче добиваат услови какви што заслужуваат.“

Спортот во Ѓорче има иднина – и таа се гради чекор по чекор, терен по терен.
Градиме со срце. За секое дете. За секој млад шампион.

Share