Во рамки на заложбите за рамномерен локален развој и подобрување на условите за живот на жителите од сите населени места, Општина Ѓорче Петров започна со реконструкција на улицата што води до училиштето во село Кучково.
Проектот, во вредност од приближно 5.000.000 денари, се реализира преку Првиот повик за капитални инвестиции на Владата на Република Македонија.
Се реконструира пат со должина од 600 метри и ширина од 4 метри, што претставува вкупна површина од 2.400 м² нов асфалт.
Оваа инфраструктурна интервенција значително ќе го подобри пристапот кон едно од најубавите подрачја на територијата на Општината – Кучковската висорамнина, позната по својот мир, природа и чист воздух.
„Кучково е место со посебна енергија – мирно, чисто и полно со природна убавина. Со оваа реконструкција правиме чекор плус за да биде уште подостапно и попријатно за сите. Наш приоритет се луѓето и квалитетот на живот што секој го заслужува,“ изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Проектот е дел од континуираната стратегија за подобрување на локалната инфраструктура и зајакнување на врските меѓу урбаните и руралните делови на Општината.