Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска извршија увид во завршните работи на новата спортска сала во ООУ „Димитар Поп Ѓорѓиев – Беровски“ во Хром.

Оваа сала претставува прв ваков спортски инфраструктурен проект во историјата на населбата Хром и ќе биде целосно опремена со гардеробери, санитарии и потребната инфраструктура. Нејзината намена е да биде достапна и функционална за учениците и сите жители на ова населено место.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 19.730.000 денари со ДДВ, што ја прави една од најзначајните образовно-спортски инвестиции во ова подрачје.

Паралелно со овој капитален проект, во училиштето се реализираше и нова инвестиција од 1.500.000 денарисо која се овозможува нов влез со пристапна рампа, скали и патека, простор за нова трпезарија и кујна, реновирање на стариот дел од училиштето, проширување на ходниците, санација на оштетени делови од кровот.

Со овие вложувања, овој образовен објект добива целосно нов лик и создава услови за безбедна, современа и поттикнувачка средина за учење и воспитување.

Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека проектот е доказ за сериозниот пристап на општината кон унапредување на квалитетот на животот на граѓаните:

-Денеска пишуваме историја за Хром и за целата општина. Ваква спортска сала првпат се гради тука и тоа е најголемата потврда дека кога ветуваме – ние и реализираме. Нашите деца ќе имаат подобри услови за учење и спорт, а жителите на Хром современ простор што ќе остане на генерации по нив. Ѓорче Петров денес не само што се менува, туку создава иднина – рече Стојкоски.

Со изградбата на спортската сала и дополнителните инвестиции во училиштето, Општина Ѓорче Петров уште еднаш го потврдува својот континуитет во спроведување на капитални проекти кои трајно ја подобруваат инфраструктурата, образованието и секојдневието на граѓаните.

Share