Во населбата Александрија во Општина Ѓорче Петров започнува подготовка за реализација на значаен проект за изградба на нова топловодна мрежа, во вредност од 40 милиони денари, инвестиција на ЕСМ – Дистрибуција на Топлина.
Со овој зафат, над 1000 стамбени единици ќе добијат можност да се приклучат на мрежата за централно парно греење. Се работи за проект со витално значење за задоволување на растечките потреби за снабдување со топлина, како и за намалување на загадувањето на воздухот, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.
Проектот предвидува изградба на линејска инфраструктурна градба – нов секундарен вод со ознака 52.070.140.110, од постоечката шахта Ш290 до новопланираната шахта Ш020, на улиците Новопланирана 2, 4 и 5 во населбата Александрија.
„Благодарение на добрата соработка со директорот на ЕСМ – Дистрибуција на Топлина, г. Петар Милетиќ, започнуваме со реализација на проект кој ќе донесе директна корист за граѓаните на оваа урбана заедница. Посветената работа и координацијата со државните институции даваат резултати“, истакна градоначалникот Стојкоски.
Проектот е во фаза на техничка подготовка, со извршен увид и планирање на следните фази за отпочнување со градежни активности.
Општина Ѓорче Петров продолжува со посветена работа во интерес на своите граѓани.
