Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со началникот на СВР Скопје, г-дин Сашо Топаловски, денес извршија теренски увид на повеќе критични точки на територијата на Општината, од аспект на сообраќајната безбедност.
На увидот беа идентификувани локации со зголемен ризик за сообраќајни незгоди, каде се забележува честа појава на брзо возење, небезбедно престигнување и минување на црвено светло. Како дел од заклучоците, на овие места ќе бидат поставени надзорни камери, кои ќе овозможат евиденција на ваквите прекршоци.
Дополнително, беше договорено на повеќе точки каде граѓаните имаат доставено барања, а е утврдена реална потреба, да се постават успорувачи на брзина, со цел зголемување на безбедноста, особено за пешаците и децата.
„Безбедноста на граѓаните е апсолутен приоритет. Ќе преземеме сите неопходни мерки за да го подигнеме нивото на безбедност на улиците во Ѓорче Петров и да испратиме јасна порака дека неодговорното однесување во сообраќајот нема да се толерира,“ истакна градоначалникот Александар Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров, во соработка со Министерството за внатрешни работи, продолжува со континуирани активности за унапредување на безбедноста и сообраќајната култура во урбаните и приградските зони.
