Општина Ѓорче Петров започна со реализација на еден од најобемните инфраструктурни проекти во населбата Диво Маало, каде во целост ќе се реконструираат 13 краци на улицата „Алекса Демниевски“ со вкупна површина од 11.420,76 м² и должина од 3.020,61 метри.

Проектот, вреден 14.844.213,78 денари (со вклучен ДДВ), е целосно финансиран од буџетот на Општина Ѓорче Петров и претставува голем чекор кон подобрување на урбаната мобилност и квалитетот на живот во оваа долго запоставувана населба.

-По децении занемареност, жителите конечно добиваат нов, модерен асфалтен коловоз. Се наоѓаме во историски момент кога Диво Маало добива нов лик и се создаваат подобри услови за живот за сите жители – изјави градоначалникот Александар Стојкоски.

Со реконструкцијата се решаваат долгогодишните проблеми со оштетени и неасфалтирани улици, а значително ќе се подобри безбедноста на пешаците, велосипедистите и возачите. Проектот ќе придонесе и за намалување на загадувањето, како и за зголемување на атрактивноста и естетиката на населеното место.

Ова е уште еден во низата проекти со кои Општина Ѓорче Петров ја потврдува својата посветеност на инвестирање во современа и одржлива урбана инфраструктура.

Share