Општина Ѓорче Петров станува дом на првиот регионален центар за рехабилитација и поддршка на деца кои успешно ја завршиле битката со карциномот. Ова е прв ваков центар на Балканот, кој ќе овозможи комплетна психо-социјална, здравствена и образовна грижа за децата и нивните семејства, со што ќе им помогне полесно да се вратат во секојдневниот живот.
„Овој проект беше инспириран од сите нив, поради потребата од помош во периодот на лекување и потоа. Целта е да им дадеме максимум психо-социјална поддршка во процесот на нивната ресоцијализација и повторна интеграција во општеството, по долгиот престој во болничките установи,“ истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, кој се заблагодари на сите чинители во реализацијата на проектот.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, градоначалникот Стојкоски и в.д. директорката на Центарот за развој на Скопскиот плански регион, Розета Арсовска, го посетија Центарот, каде што во завршна фаза е уредувањето на просториите и хортикултурното уредување на дворот.
Денеска и официјално беше промовиран проектот „Приказната продолжува“ за изградба на Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од малигни заболувања, преку реновирање и адаптација на старото основно училиште во Кучково. Објектот наскоро ќе ги отвори вратите за престој на младите борци. Центарот ќе има капацитет за 20 деца и нивните родители, со современо опремени простории за престој, учење, психолошка поддршка и физичка рехабилитација.
Посебен акцент ќе биде ставен на индивидуалната и групната терапија, спортските активности и програмите за социјализација, кои се од клучно значење за децата по долгиот и исцрпувачки медицински третман. Проектот се реализира во соработка со НВО „САНО“, организација која долги години работи на поддршка на деца со малигни заболувања. Според нив, овој центар ќе значи многу не само за семејствата во Македонија, туку и за целиот регион, бидејќи досега ниту една земја на Балканот нема специјализиран објект од овој вид.
„Досега, семејствата беа принудени сами да бараат начини за рехабилитација на своите деца по завршениот третман. Со отворањето на овој центар, конечно ќе имаат место каде што ќе можат да добијат стручна помош и поддршка, без дополнителен финансиски и организациски товар. Овој проект поставува нови стандарди во здравството и социјалната грижа, инспирирајќи не само во нашата држава, туку и пошироко,“ додаде Стојкоски.
Центарот ќе биде отворен за деца од цела Македонија, но и од регионот, со што Ѓорче Петров станува водечка општина во грижата за најранливите категории. Со оваа иницијатива, општината покажува дека вистинските инвестиции се оние што го менуваат животот на луѓето и создаваат подобра иднина за следните генерации.