Општина Ѓорче Петров во соработка со Владата на Република Македонија започна со реализација на еден од најзначајните проекти за подобрување на сообраќајната инфраструктура во општината. Проектот се однесува на поврзување на улиците „Сремски Фронт“ и „Социјалистичка Зора“, со цел да се подобри сообраќајната врска и да се олесни движењето на возилата и пешаците.
Денеска на увид во активностите на терен присуствуваа премиерот Христијан Мицковски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, пратеникот Бојан Стојаноски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
-Со ова поврзување на улиците, ќе се овозможи полесен пристап на локалното население до главната сообраќајна артерија „Ѓорче Петров“, која е клучна за излез од Скопје и поврзување со скопската обиколница, Тетово и другите дестинации, изјави градоначалникот Стојкоски.
Главните цели на проектот се подобрување на сообраќајната инфраструктура преку создавање на нова врска помеѓу двете улици, намалување на сообраќајната гужва со распределување на сообраќајот кон новата сообраќајна артерија, подобрување на пристапот на локалното население до главната улица „Ѓорче Петров“ и подобрување на безбедноста и ефикасноста на сообраќајот со намалување на оптоварувањето на постоечките патишта.
Проектот е важен не само за инфраструктурниот развој на општината, туку и за подобрување на квалитетот на живот на жителите на Ѓорче Петров. Со оваа нова сообраќајна врска, ќе се обезбедат побрзи и попријатни услови за сообраќај за сите граѓани кои ја користат оваа важна сообраќајна артерија.
Активностите на терен продолжуваат согласно со планот, а Општина Ѓорче Петров останува посветена на реализација на проекти кои ќе придонесат за подигнување на животниот стандард на своите жители, како и за понатамошен развој на општината. Проектот е дел од првиот Владин јавен повик и е финансиран преку АA+ програмата, со вкупна вредност од 8.835.996 денари.