Победа над фашизмот во Ѓорче Петров, 9 мај 1945 година. Победа е зборот кој оддекнува, победа на народот кој со години се бори за самостојна и силна држава! Победата на непокорот на многу Македонци кои низ историјата со својата крв ја платија слободата и достоинството на Република Македонија.

Во паркот во Ѓорче Петров на споменикот на партизаните од НОБ делегации се поклонија и им оддадоа почит на храбрите борци од Втората светска војна во која во борба против фашистичкиот окупатор ги загубија своите животи.

-Горди сме на нивните походи. Горди сме на нивната храброст и пожртвуваност која со крв ја платија, но застанаа на страна на доброто, во одбрана на своето и светото. Чест ми е што сум потомок на една храбра генерација јунаци кои непоколебливо ја оттргнаа Република Македонија од рацете на окупаторот – рече градоначалникот Александар Стојкоски во своето обраќање.

Борбата против фашизмот, додаде, и сите борби низ годините за ова парче света земја, за слобода и демократија, за вистината и правилните вредности нека ни бидат вечен потсетник како се сака Република Македонија.

-Да живее споменот за сите македонски јунаци.

Нека им е вечна слава на сите кои го дадоа животот за нашата татковина!

Да живее Република Македонија! – подвлече Стојкоски.

Share