Бројни делегации на 2 април – Денот на раѓањето на Ѓорче Петров положија цвеже на споменикот на патронот во негова чест.

Беше организирана пригодна свеченост, а делегацијата на Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот, Александар Стојкоски.

-Одбележавме 159 години од денот на раѓање на македонскиот херој, нашиот патрон и великан Ѓорче Петров. Голема е честа да го славиме животот на историски личности кои оставија значаен печат во македонската историја. Посакувам неговата љубов кон Република Македонија на сите да ни биде инспирација во годините што доаѓаат. Тоа, ќе не однесе на добар пат да работиме во континуитет за подобрување на нашето секојдневие и условите за живот на локално, централно и регионално ниво – рече Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

Република Македонија е нашиот дом, додаде, Република Македонија е нашата света земја и мајка на сите нас и нема дилеми кога станува збор за сочувување на слободата на ова парче земја.

-Аманет ни е од Ѓорче Петров и другарите, македонските херои, да бидеме неуморни кога станува збор за доброто на нашата татковина. И тоа ќе остане за навек. Великаните ги поставија постулатите, ние само треба да ги следиме. Неговите зборови ни се оставени на вечно чување, со аманет да не отстапуваме од нашите принципи и од желбата за борба. Ова се принципи и борби на модерното време. Урбано и модерно Ѓорче е нашата парола и за тоа се бориме во 21-виот век – нагласи Стојкоски.

Во годините што доаѓаат, порача, заеднички да придонесуваме за унапредување на нашата заедница. -Промените се во твои раце. Доаѓа време на промени, време во кое ќе ја направиме Македонија повторно горда. Ќе го направиме Ѓорче гордо и секој еден човек ќе биде свој на своето! Нека е вечен споменот за хероите. Да живее слободно Ѓорче Петров. Да живее Република Македонија! – подвлече Стојкоски во обраќањето.

Share