Шест основни училишта од Ѓорче Петров стануваат дел од кампањата на „Макпетрол“ насочена кон решавање на проблемите поврзани со врсничко насилство меѓу децата и младите.
Општина Ѓорче Петров потпиша Меморандум за соработка со компанијата ,,Макпетрол” во рамки на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“.
„Макпетрол“ во училиштата во Ѓорче Петров почна со работилници кои ќе ги води психотерапевт со практично искуство за оваа тема, а на кои учениците ќе може да се запознаат со проблемот на булинг, односно со начините за превенција на ситуации со врсничко насилство, нивно решавање и надминување на последиците од нив.
-Благодарност до општествено-одговорната компанија „Макпетрол“ која во многу наврати се покажа како одговорна алка во општественото делување за јавното добро. Одлична е иницијативата за ваков вид кампања во моменти, кога за жал, забележуваме се почести случаи на врсничко насилство. Само вака, здружено и организирано ќе делувуваме за намалување на појавата – рече градоначалникот Александар Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров, како што додаде, веќе го „вклучи алармот“ и преку повеќе форми го засили влијанието во образовните институции во врска со оваа појава.
-Организирани се повеќе средби во општината на кои присуствуваа сите надлежни институции и на кои веќе се разговараше како да се намали или целосно елиминира оваа појава – информираше Стојкоски.