Да се постави темел како ќе се работи во иднина, почести родителски средби, средби на советите на родители и преземање итни мерки во соработка со полицијата и други вклучени страни, доколку се забележи алармантен случај на недолично однесување во основните училишта.
Ова се само дел од заклучоците донесени на средбата на иницијатива на Комисијата за образование при Советот во Општина Ѓорче Петров на која присуствуваа и директорите на училиштата, стручните служби од училиштата, претставници од градинката „Росица“, високи претставници од ПС – Ѓорче Петров, Советот и администрацијата.
Повод за овој состанок се неодамнешните немили последователни настани во соседна Србија од кој еден во основно училиште со фатални последици.
-Ме радува фактот што во училиштата во Ѓорче Петров нема забележана ниту една алармантна појава која би можела да донесе негативни последици. Ова е податок кој е заклучен на последната средба меѓу полицијата и претставници од училиштата. Но, без разлика, ние мора да се подготвиме за превенција и навремено постапување. На денешниот состанок повторно истакнав дека основните училишта имаат целосна поддршка од општината, кадар и средства на располагање – рече градоначалникот Александар Стојкоски.
Полициската станица во Ѓорче Петров изработи и план кој вклучува безбедносни мерки за образовните установи. Од ПС-Ѓорче Петров најавија почести разговори со родителите и децата, онаму каде ќе биде пријавен случај на евентуално насилство или булинг, а особено во средини каде има дисфункционално семејство.