Општина Ѓорче Петров во знак на благодарност и стимулација за клубовите ќе додели по 400.000 денари на ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 и на ЖРК Ѓорче Петров.
ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 и женскиот ракометен клуб Ѓорче Петров се овогодинешните најтрофејни спортски колективи во нашата општина, но и во Република Македонија.
ЖРК Ѓорче Петров по втор пат е освојувач на сениорската женска ракометна лига и со тоа ја одбрани минатогодишната титула првак на Македонија. Ѓорче Петров и во минатото беше синоним за ракомет и ракометни успеси, а овие девојки тоа го потврдуваат.
ФК Македонија Ѓорче Петров втора година по ред е освојувач на Купот на Република Македонија, со што покажува дека клубот сериозно работи и вложува во младинските категории, но и во првиот состав кој оваа година на пенали во финалето на Купот на Македонија ја совлада екипата на Струга Трим Лум.
Новитет во Општина Ѓорче Петров е јавниот повик за спортските клубови и поединци кој веќе е изработен и во најскоро време ќе биде објавен на веб страната на општината, каде што ќе можат да аплицираат сите спортски колективи, но и спортисти поединци, кои имаат потреба од финансиски средства, со цел постигнување високи спортски резултати.
Правилникот ќе има точно утврдени норми и успеси кои што ќе треба да бидат исполнети, за да може да се доделат финансиски средства за клубот или поединецот којшто ќе аплицира на овој повик.
Општина Ѓорче Петров интензивно работи на издигнување и развој на спортот во општината, како и на стимулација на младите генерации да спортуваат и да прераснат во врвни спортисти. Во таа насока, овозможивме ФК Вардар и ФК Волково бесплатно да го користат фудбалскиот терен во Волково, додека пак младите категории на ФК Македонија Ѓорче Петров и ФК Њу Старс бесплатно ќе го користат фудбалскиот терен “Mлади лавови” во централното подрачје на општината.