Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски оствари средба со Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, претставуван од претседателот Жарко Селковски и секретарот на Сојузот Глигорчо Самарџиски и Здружението за европска социјална инклузија „ЕСИ НЕЛИС“-Скопје, претставувано од Венцо Атанасов.

На средбата беше договорено потпишување меморандум за соработка. Стојкоски ја истакна потребата од мапирање на слепите и слабовидни лица во општина Ѓорче Петров со цел точно утврдување на бројот на слепи лица на територијата на општината. Преку форма на анкетирање ќе се соберат и податоци за основните потреби на слепите лица и изготвување чекори како би се подобрил квалитетот на нивниот живот

Заеднички беше разгледана можноста за изградба на „Ресурсен Центар“, на територија на општината кој би се користел за потребите на слепите и слабовидните лица, каде е предвидено да се реализираат обуки за животни вештини на слепите лица, ориентација и мобилност, користење на асистивна технологија, обука на брајово писмо за лицата кои што ослепиле подоцна во животот, учење на странски јазици, простор за спортски активности и сл.

Националниот сојуз на слепи претставува национална инвалидска, општествено-хуманитарна, непрофитна организација од посебен интерес на слепите лица и има за цел да ги оствари сите заеднички интереси и потреби на оваа категорија лица. Сојузот е единствен легитимен претставник на повеќе од 2.600 слепи и слабовидни лица на државно ниво.

Share