Во Центарот за култура во Ѓорче Петров беше презентирана едукативната платформа “Наука за деца” која има за цел да ја промовира научната писменост кај учениците, во организација на фондацијата Кантарот Мк.
На платформата се наоѓаат преку 100 видео лекции по биологија, хемија, физика, математика и информатика, кои ја надополнуваат предметната настава во основните училишта.
Овие лекции се надополнети со интерактивни квизови и научни активности преку кои децата можат да експериментираат, а наставниците можат да го тестираат нивното знаење.
Целта на презентацијата беше да ги запознае наставниците од предметна настава со содржините на “Наука за деца” и да ги стимулира да придонесат кон популаризација на науката и научната писменост.
Општина Ѓорче Петров е прва општина што остварува соработка со “Наука за деца”. Ова е уште еден чекор што го преземаме за да ја доближиме науката до најмладите.