Градоначалниците на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со претставници на градските јавни претпријатија и претставници од урбаните и месни заедници од Ѓорче Петров на денешната средба во Центарот за култура ги детектираа проблемите на граѓаните што се под ингеренции на Градот, со цел што поскоро решавање на истите.
Од страна на претставници на заедниците во Ѓорче Петров на Арсовска и службите им беа презентирани проблеми со акцент на градските улици, нивно уредување или пробивање, осветлувањето, водоснабдувањето, уличните кучиња, проблеми со броевите на куќите итн.
-Со градоначалничката се согласивме вакви координативни средби со Градот да станат пракса во иднина. Целта е да поставиме соодветни проекции и насоки, да се соочиме со предизвиците и активно да работиме на подобрување на секојдневнието на граѓаните. Заеднички ги сослушавме граѓаните и сите нивни предлози ќе бидат ставени на разгледување и обработка. Ќе вложиме максимални напори за што повеќе затворени прашања во иднина – рече Стојкоски.
Месните и урбаните заедници во Ѓорче Петров се нефункционални во последните години, додаде, што е одраз на несериозен пристап од страна на претходното локално раководство.
– Но, тоа е состојба која ја оставаме зад нас. Планиран е наскоро нов избор на раководни лица со што овие простории ќе станат филтер на информации и конечно ќе бидат во функција на граѓаните – информираше Стојкоски.