Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски на утринската програма на МТВ денеска зборуваше за чистењето на депонијата во Ново Село и за проектите на општината во насока на екологија и животна средина, но и останати проекти кои ќе бидат реализирани во периодот што следува.

-Ветувањето за расчистување на депонијата во Ново Село станува реалност. Се заложивме за системски и трајни решенија кои вродија со плод. Расчистени се над 11 хектари површина и одложени се над 200 тони градежен смет и шут на еден од повеќедецениските еколошки проблеми не само во Ѓорче, туку и во градот Скопје. Целосно го оневозможивме физичкиот пристап до депонијата, ги зголемивме контролните патроли на терен и инспекциските капацитети. Во моментов местото се израмнува со чист хумусен материјал, а следи и преуредување со ново зеленило – рече Стојкоски.

Интенцијата, како што додаде е општина Ѓорче Петров во наредниот период да стане еколошки чиста средина за живеење, со чист воздух, почви и води.

Стојкоски истакна дека општината е силно посветена на животната средина.

-Веќе подигнавме околу 2.000 м2 нови зелени површини на неколку локации, организиравме акции за собирање кабаст отпад, а ќе бидеме ригорозни и во однос на казните за фрлање смет на места кои не се означени за таа намена – рече Стојкоски.

Беше разговарано и за проекти кои се во тек и кои ќе бидат остварени.

-Градежните работи за проширување две училишта, нова атмосферска мрежа на „Радушка“ во должина од 1.200 метри, уредување на локалитетот „Крст“ и нова буштина за вода во Кучково е само дел од она што ќе биде реализирано – нагласи Стојкоски.

Share