Промовирана Стратегијата за унапредување на родовата еднаквост во општината Ѓорче Петров

Во Центарот за култура во Ѓорче Петров беше промовирана локалната стратегија за унапредување на родовата еднаквост во општината Ѓорче Петров за период од 2017-2022 година. Стратегијата ги потврдува заложбите на општината Ѓорче Петров за промовирање на еднакви можности помеѓу мажите и жените и воведување на родово одговорни политики. Истата е подготвена со поддршка од UN WOMAN – тело на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените.

Градоначалникот Сокол Митровски во денешеното излагање истакна дека прашањето на рамноправност и вклучувањето на родовите перспективи во главните текови не е само прашање на социјалната правда, туку е исклучително значајно прашање во справување со сиромаштијата и невработеноста, како и обезбедување на еднакви можности и квалитетен живот за граѓаните на општината. На настанот присуствуваше и преставничката од UN WOMAN, Ермира Лубани која е регионална менаџерка на проектот за родово одговорни политики и буџети. Целта на стратегијата е да се унапреди родовата еднаквост во општината, а врз основа на направената анализа од оваа област  утврдено е дека ќе се превземат мерки за надминување на родовата нееднаквост во сите области од урбанизмот, културата, социјалната заштита, спортот итн. Стратегијата ќе ги земе во предвид потребите и искуствата на мажите и жените од општината Ѓорче Петров кои стануваат составен дел во осмислувањето и спроведувањето на политиките и програмите во сите сфери, со цел мажите и жените да имаат подеднаква корист од истите. По повод празникот на општината, 20 Септември во спомен собата на Анте Поповски , во центарот за култура Ѓорче Петров денес беа изложени над 40 уметнички слики на еден од основоположниците на македонскиот современ ликовен израз Димитар Аврамовски Пандилов.  Граѓаните на Ѓорче Петров ќе можат да ги видат истите во наредните три дена .