Проектниот тим од Општина Ѓорче Петров на петдневна обука во Општина Разлог, Р Бугарија во рамките на ЕРАЗМУС + програмата

Претставници од Општина Ѓорче Петров и тим наставници од ООУ „Мирче Ацев”  заминаа на петдневна обука во Разлог, Р Бугарија во рамките на Проектот Имплементација на „учење преку работа” едукативни методи на настава за употреба на соларната енергија во основните училишта под  ЕРАЗМУС + програма. Главната цел на проектот е да се развие соодветна рамка за учење на децата од основните училишта за обновливи извори на енергија (ОИЕ), односно соларна енергија,  преку практична примена. Проектот опфаќа релевантни теми како животната средина и климатските промени, енергија и ресурси и природните науки. Целни групи на проектот се наставниците и учениците во основните училишта и од витално значење е дека тие ќе развијат солидно разбирање за моќта на сонцето и многу примени на соларната енергија.

Овој проект е одличен почеток за младите повеќе да дознаат за моќта на соларната енергија, да бидат поинформирани за суштинската улога на соларните панели во менување на светот на енергијата и да бидат подготвени за спроведување на соларни технологии во реалниот живот. На тој начин ќе бидат и дел од глобалните напори за намалување на негативното влијание врз животната средина од страна на традиционалните извори на енергија. Во текот на обуката предвидена е практична работа за креирање и пополнување на Документот за стратешко партнерство меѓу Општина Ѓорче Петров и Општина Разлог и негово усвојување, како и размена на информации за постојните образовни процеси во Македонија и Бугарија.

Исто така ќе биде презентирана и употребата на модул за Е-твининг за мрежно поврзување на наставничките тимови во согласност со училишниот предмет, како и негова практична примена. Наставничките тимови ќе имаат можност за практична имплементација на стекнатото знаење за обновливите извори на енергија на училишните часови. Ова стратешко партнерство ќе даде голем придонес за подобрување на квалитетот на основното образование и, исто така, подобрување на квалитетот на наставниците од основните училишта.