Општината Ѓорче Петров го одбележува својот празник

Празникот на општината Ѓорче Петров, 20 Септември  ќе биде обележан со богата програма на културни и спортски настани. На 19 Септември (Вторник) во 10 ч. програмата ќе започне во знакот на спортот. Училишните спортски лиги ќе ја започнат својата натпреварувачка сезона на стадионот „Македонски лавови“  каде што сите основни училишта од општината ќе партиципираат со своите спортски селекции. Граѓаните на Ѓорче Петров ќе можат да купат и да пробаат многу македонски производи на големиот празничен панаѓур кој ќе започне во 17 часот , а ќе трае се до вечерните часови во реонскиот парк во општината. Ќе бидат изложени и рачни ракотворби и многу домашни специјалитети од вештите раце на ѓорчепетровки. Манифестацијата ќе ја отвори градоначалникот Сокол Мхитровски во реонски парк на општината во 19 часот.

Големата забава за сите возрасти ќе започне со настап на фолклорната група куд „Поважан“ од Р. Словачка кои преку изведбата на традиционалните народни песни , ора и обичаи ќе покажат дел од културното богатство што се негувало со години во нивната земја. Ќе може да ги чуете изведбите на познатите македонски пеачи Влатко Лозановски, Влатко Илиевски, Ристо Самарџиев, Симона Поповска, а специјално за ѓорчепетровци ќе настапи и популарната Анета Мицевска и групата Молика. Со традиционален крос на учениците од основните училишта од Ѓорче Петров ќе започне прославувањето на 20 Септември. Во реонскиот парк градоначалникот Сокол Митровски и бројни делегации  ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на Ѓорче Петров. Во 11 часот Советот на Општина Ѓорче Петров ќе одржи свечена седница по што ќе следува доделување на награди и признанија на поединци, фирми а воедно ќе се врачи и годишната награда “Ѓорче Петров”. Потпишан ќе биде и меморандумот за збратимување помеѓу градоначалниците на општините Ѓорче Петров и Осечина. Празнувањето на општината ќе се заокружи со културно уметничка програма која ќе започне од 18 ч до 24 часот. Во реонскиот парк ќе има реприза на детскиот фестивал “Соната”, настап на КУД “Глигор Прличев”, настап на танцовиот спортски клуб “Бранимир и Бранкица”, настап на фолклорна група на пензионери “Ѓорче Петров”, настап на трио тенори “Џентлмен”, настап на КУД од Скопје и ди џеј Панчо.
                           
Ве покануваме сите заедно да го прославиме празнувањето на општината .