Одбележан христијанскиот празник Св. Трифун во с. Кучково

Поволните временски услови придонесоа стотици гости од целата скопска околија да присуствуваат на централната  прослава на верскиот празник Св.Трифун во селото Кучково, општина Ѓорче Петров. На овој ден се реже лозјето и се попрскува со осветена вода, во која има лозови гранчиња. По повод празникот, свештеници од МПЦ, Скопска Епархија, одржаа свечена служба и ги зарежаа лозите во манастирот посветен на заштитникот на лозјата и овошките  св.Трифун кој живеел во првата половина од третиот век.

Постарите жители на селото се сеќаваат на илјадниците корени лозја кои во минатото ги одгледуваа кучковци, а виното пак кое го произведуваа било со висок квалитет. И денес во селото може да се сретне понекоја помала површина засадена со лозов насад. Сепак, за кучковци и жителите од околните места празникот Св. Трифун претставува вековна традиција која и во иднина ќе се негува и прославува. На прославата присуствуваа и многу други познати јавни личности. Градоначалникот Митровски на сите православни христијани кои го носат името на големиот светец им го честита празникот. Гостопримливите домаќини за сите гости обезбедија и бесплатен оброк. За добро расположение на гостите домаќините обезбедија и познати имиња од нашата естрада кои ги забавуваа гостите.