Младите сликари инспирирани од убавините на селото Кучково

Денес, 26.04.2017 (среда), во Општина Ѓорче Петров  традиционално по десетти пат се одржа Детска ликовна колонија. На колонијата учествуваа 45  ученици од  основните училишта од Општина Ѓорче Петров и ученици од општините од Градот Скопје и уметничкото средно училиште ДСУ Лазар Личеноски. Децата беа распоредени на три локации: кај манастирот Св.Ѓорѓија, среде селото Кучково и во близина на етно-селото  Старо буре.

Младите сликари, денес покажаа дека се вистински љубители на природата. Со голем талент и дарба за уметност, користејќи молив, јаглен, акрилни и темперни бои, учениците успешно ги пренесоа на платно своите импресии од живописното Кучково. На сликите може да се забележи старата селска архитектура, пејсажи, птици, народни носии и сè она што допираше до сетилата на учениците додека неуморно ги изработуваа своите слики. Градоначалникот на Општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски, на учесниците им посака уште многу инспиративни дела од прекрасниот живописен крај на овој дел од Општината, како и од богатото културно наследство.

На сите ученици им беа доделени дипломи за учество и прибор за боење и цртање. Децата беа облечени во препознатлива маичка со логото на ликовната колонија, a превозот до местото на настанот го обезбеди Општина Ѓорче Петров. Изработените слики ќе бидат изложени  на претстојниот општонароден собир „Ден на Крстот“ кој на 1 Мај ќе се одржи во месноста Јазбине во непосредна близина на селото Кучково.