Интензивно се работи на развој на спортот

Општина Ѓорче Петров и Центарот за едукација и менаџмент во спортот (ЦЕМС) потпишаа Меморандум за соработка од кој треба да произлезат низа активности што се однесуваат на развој и унапредување на спортот на сите нивоа.
При потпишувањето на Меморандумот, градоначалникот Александар Наумоски побара од сите присутни членови на Советот на ЦЕМС, секој со својот авторитет, да допринесе во унапредување на спортот на територија на општината. Таргетирани беа и неколку спортови кои порано беа гордост на општината, а сега се замрени и треба да се унапредат. За истите ќе се работи на отворање можности за повторен развој. Општината ќе се фокусира  и на системски развој на постојаните капацитети, а ќе бидат изработени и акциони планови. Согласно програмите и можностите, општината ќе помага со средства и ангажмани.

ЦЕМС, пак, со сиот свој потенцијал ќе спроведе низа конктетни активности во однос на едукација на млади спортисти, организација на стручни семинари, максимална соработка со спортските клубови и спортски работници од општината и приоритетни проекти од инфраструктурно значење.
Како многу важен дел од активностите ќе биде и соработката со училишниот спорт каде ќе има организирани и координирани активности во насока на унапредување на масовниот спорт и позитивно делување кон младите генерации. Планирано е и засилено вклучување и на наставниците по физичко образование и награди за оние со најдобри резултати.
Програмата за работа на ЦЕМС во повеќе делови се поклопува и со програмата на општината во однос на идно доделување стипендии на талентирани спортисти од територија на Ѓорче Петров. Исто така, се планира и вклучување на деца со посебни потреби.