За потребите на земјоделците и сите заинтересирани страни од Ѓорче Петров, од понеделник (5 февруари) стартува со работа канцеларија која се наоѓа во месната заедница Ново Село. Основна задача на канцеларијата е да им дава совети и информации на граѓаните за користење на субвенции за земјоделци од фондовите на ИПАРД, да организира предавања за здрава и квалитетна храна, органско производство, испитување на почвата и водата и развивање на руралниот дел на општината, преку соодветни проекти.

Исто така, канцеларијата ќе им биде на располагање на граѓаните и за обука и помош за млади земјоделци кои сакаат да се занимаваат со оваа дејност, сочувување на руралните предели, нивните вредности итн.
Според податоците на Регистарот на целокупното земјоделско земјиште, земјоделските површини на територија на општината изнесуваат околу 7.060 хектари, од кои мал дел се обработливо земјиште, а останатото е државна сопственост (необработен или за други цели).