Да се постават паркинзи за велосипеди на територија на општина Ѓорче Петров, столбови на главната и фрекфентните улици во соработка со Град Скопје, да се едуцираат најмладите околу придобивките од возењето  велосипед, да се изградат велосипедски патеки, но и да се уредат кејовите кои минуваат низ населбата.

Ова се само дел од иницијативите и предлозите на неформалната група “На точaк” кои денеска ги изнесоа пред градоначалникот Александар Наумоски. Тој нагласи дека сите иницијативи од ваков тип кои ќе помогнат за развој на велосипедизмот, што истовремено ќе придонесе и за намалување на употреба на автомобили, а со тоа и намалување на загадувањето на животната средина, ќе бидат поддржани од негова страна.

Наумоски рече и дека сите нивни предлози ќе бидат разгледани, и реализирани во рамки на можностите и ингеренциите на општината. Со неформалната група ќе ја продолжи комуникацијата на неделно ниво за тие да и помогнат на општината, особено во внатрешноста на Ѓорче Петров, да се детектираат “критичните точки” и по истите соодветно да се постапи. Ќе биде направен и пилот-проект на оваа тема, а договорени се уште неколку активности кои општината ќе ги поддржи. Наумоски ги повикува и останатите невладини организации и неформални групи, на оваа тема, но и на други, да се обратат до општината како би можеле заеднички да се делува и да се равиваат позитивни иницијативи.