Со 13 гласа “за” Советот на општина Ѓорче Петров денеска го изгласа Буџетот за 2018 година. Вкупниот консолидиран буџет изнесува 693.828.800 денари, или 11.282.000 евра. Од ова, основен буџет е 424.917.800 денари или седум милиони евра. Овој буџет се остварува од основните изворни приходи како персонален данок, данок на имот, трансфери од други нивоа на власт, капитални приходи... За разлика од 2017 година, буџетот на општината е поголем за милион и 790 илјади евра.

Расходниот дел е поделен во 12 програми, 37 потпрограми и 2 развојни програми, како и на тековно-оперативни расходи во износ од 243.370.000 денари или 3.957.000 евра во кои влегуваат исплата на плати за администрација, надоместоци за членови на Совет, комунални расходи (струја, вода, ѓубре, телефон, горива..),  материјални трошоци како канцелариски материјал, услуги за одржување, за обезбедување, разни договорни услуги и разни оперативни расходи.

За капитални расходи одвоени се 191.550.000 денари (3.115.000 евра). Според проекцијата на Буџетот, во овие средства ќе влезат проектирања, изградба и реконструкција на улици, водовод и канализација (атмосферска и фекална), улично осветлување, изградба на спортски објекти итн.

Ценам дека и натаму ќе работиме интензивно за потребите на граѓаните и ќе ја оставиме политиката настрана.  Знаете сите во каква тешка состојба ја затекнавме општината, и оти немавме ниту еден основен и развоен проект. Ѓорче Петров е во мрак, плаќаме заостанати фактури и во 21 век имаме состојба кога нема вода во делови од населбата. Проекцијата на буџетот е таква заради чесно работење во иднина и заради повеќе проекти, рече градоначалникот Александар Наумоски пред советниците.
На седницата најголема забелешка советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаа на средствата одвоени за донации и за невладини организации.