Во просториите на општина Ѓорче Петров беше потпишан меморандум за соработка меѓу локалната самоуправа и Центарот за управување со промени (ЦУП) за проект за партиципативно раководење со буџетот на општината. Градоначалникот Александар Наумоски и извршниот директор на ЦУП, Неда Малеска – Сачмароска го потпишаа меморандумот во рамки на проектот “Мои пари, моја одговорност: партиципативно раководење со буџетот на општините во Република Македонија”, кој е поддржан од УСАИД, спроведуван од мрежата на граѓански организации ФИСКАСТ, а ќе трае до мај 2020 година.

Со потпишување на меморандумот, општина Ѓорче Петров ја потврдува својата посветеност во вклучувањето на граѓаните и граѓанските организации во распологањето со буџетските средства, фискалната транспарентност, како и носењето одлуки на локално ниво, преку промоција на принципите на отворено партнерство со локалната самоуправа.

Согласно меморандумот, општината и ЦУП заедно ќе спроведат повеќе активности кои ќе придонесат за подобрување на транспарентноста и отчетноста на јавните институции и ќе го засилат интегритетот на локалната самоуправа.

Средби и консултации меѓу партнерите и сите релевантни учесници на територијата на Ѓорче Петров и обука за партиципативно буџетирање за вработените и други релевантни учесници од општината, се само дел од активностите предвидени со меморандумот.