Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски присуствуваше на новогодишен ручек организиран за лица со посебни потреби на покана на ресторанот “Камин кама”, лоциран во Ѓорче Петров. Наумоски ја искористи можноста на присутните да им ги честита претстојните новогодишни и божикни празници. Истовремено, градоначалникот истакна дека имајќи в предвид оти една од најранливите категории се лицата со посебни потреби, општината ќе изготви локална стратегија за подобрување на условите и на пристапноста за овие лица.

Во таа насока, предвидено е изградба на пристапни рампи и адаптирани тоалети во сите општински институции, градинки и училишта, обезбедување просторија за престој и за одмор за деца со посебни потреби во рамки  на образовните институции (училиштата и градинките), како и изградба на инклузивно детско игралиште и спортски содржини, достапни и пристапни за децата со хендикеп.

Исто така, Наумоски пред присутните нагласи дека е предвиден и годишен надомест за амортизација на возилото на родителите што го користат за превоз на децата со физички хендикеп до училиштата, преку јасно дефинирани квоти. Воедно, општината ги поддржува и сите невладини организации кои работат на оваа проблематика и ќе продолжи да ги поттикнува да и се обратат на администрацијата и на градоначалникот за идеи и решенија кои ќе допринесат за подобар живот на овие лица.