Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски ја промовираше истурената канцеларија во населеното место Волково во која граѓаните од околните места, наместо во седиштето на општината, како досега, ќе може да поднесуваат барања, предлози и идеи во овој објект.

Целта е да им се излезе во пресрет на граѓаните кои не се во можност да дојдат во општинските простории за поднесат барање или да дадат идеја за решавање на одреден проблем. Со ова, општината ќе стане директно достапна и услужна за овие граѓани.

“Имајќи ги в предвид горливите проблеми со кои се соочува руралниот дел од општината, како што ветивме, денеска ја промовираме истурената канцеларија на Ѓорче Петров во населеното место Волково која ќе ги опфаќа потребите и барањата на граѓаните од Кисела Јабука, Ново Село, Стопански Двор, Никиштани, Кучково, Волково, Орман и Пржина”, рече Наумоски.

Ова е значаен момент за општината, нагласи, затоа што за да функционираат општинските и административни служби, мора да биде регулирано на некаков начин. Тој појасни и дека истурената канцеларија ќе функционира како мини општина за поруралниот дел на Ѓорче Петров.

Наумоски истовремено оствари и средба со граѓаните од овој дел на Ѓорче Петров. Тие му ги презентираа своите секојдневни проблеми, кои се однесуваа на повеќе сфери, воглавно инфраструктурни, но и идеи што во иднина би можело да се преземе. Во таа насока, градоначалникот рече дека секоја идеја ќе биде детално разгледана и им посочи на граѓаните писмено да се обратат токму во оваа канцеларија. “Срамота е во 21 век да зборуваме за фекална канализација. Тоа што се правело претходно, се водат постапки и некој ќе си одговара, но сме доведени во ситуација на нас да се крши проблемот. Граѓаните имаат многу барања, и затоа, со ова сакаме да направиме почетен чекор во сублимирање и решавање”, додаде Наумоски. Истовремено, тој информираше и дека градинката која во овој дел беше ветена во програмата пред локалните избори е во фаза на проектирање.