Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалниците на Скопје и на општина Ѓорче Петров, Петре Шилегов и Александар Наумоски ја пуштија во употреба новата полициска станица во Ѓорче Петров.

Дел од новите простории за кои Министерството за внатрешни работи од својот буџет издвои 44 милиони денари ќе користи и противпожарната единица од оваа општина. Објектот е комплетно нов и опремен со сите инфраструктурни работи што се потребни за една полициска станица, како што е пристапот за возилата на полицијата, граѓаните, за лицата со инвалидитет...

Градоначалникот Наумоски информираше дека на местото на старите полициските бараки ќе се изгради паркинг-простор за возилата од околните згради, додека пак, просторот кај старата противпожарна единица ќе биде преуреден во зеленило.

Преку вложување во условите за работа, техниката и во човечки ресурси во полицијата, нагласи министерот Спасовски, може да се гарантира безбедност и на граѓаните и на државата. Тој информираше дека вакви проекти ќе бидат реализирани и во иднина.

На настанот беше потпишан и Меморандум за соработка за пробна примена на комуникацискиот систем Тетра кој ќе овозможи еден комуникациски канал кој ќе биде поврзан за безбедносните прашања на територијата на Градот Скопје. Онаму каде што ќе биде потребна било каква интервенција за безбедност или за здравјето на граѓаните, полицијата и итната медицинска помош ќе можат да ги добиваат повиците на една линија.