Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски учествуваше на дебата и презентација на решенија од страна на здруженија за заштита на животните, организирана по повод последните зачестени појави на напади на случајни минувачи од улични кучиња, чиј број е се поголем на улиците.

Да се реновира стационарот Вардариште, да се најдат начини за спречување на појавата на неодговорно сопствеништво, како и да се чепираат домашните кучиња, се дел од решенијата кои беа изнесени на дискусијата во просториите на Град Скопје.

На презентацијата на извештајот за состојбата во Вардариште, исто така, беше посочено дека треба да се направи и база на регистрирани сопственици на кучиња. Наумоски нагласи дека има многу девијантни личности кои на несоодветен начин чуваат кучиња, кои во својот карактер се мешавина на разни раси што се претерано агресивни. Во тој контекст, градоначалникот побара да се направи база на податоци за кучиња чувани во домашни услови, а кои по својот карактер се поагресивни.

Од здруженијата за заштита на животните сметаат дека една од мерките за надминување на проблемот е да се спречи неконтролираното размножување на домашни кучиња, бидејќи две третини од нив завршуваат на улица како скитници. Потребно е, исто така, да се стави во контрола репродукцијата на расни кучиња. Според здруженијата, се работи за повеќедецениски проблем кој бара пристап од повеќе аспекти.