Советот на општина Ѓорче Петров денеска ја одржа третата Седница. Советниците гласаа по 20 точки за кои едногласно беше дадено “зелено светло” за понатамошна постапка.
На седницата беше изгласан Извештајот за извршување на Буџет на општина Ѓорче Петров за третиот квартал на 2017 година, усвоена Предлог-одлуката за претставници на Управен одбор во ЈОУДГ  Росица, како и Извештајот за реализација на Програмата за остварување на социјална заштита во општината за период од 01.01.-30.09.2017 година. На оваа тема, беше изгласана и Предлог програмата за остварување социјална заштита во Ѓорче Петров за следната година.

 

Стана збор и се гласаше и за програми  и за активности во областа на културата, поддршка на невладиниот сектор, спорт и рекреација, образованието и еднакви можности меѓу мажите и жените. Меѓудругото, на седницата беа изгласани и Предлог-програма за заштита, спасување и кризи за 2018 година, за комунални дејности и заштита на животната средина и природата во општината.
На денешната седница присуствуваа само претставниците од власта. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата пред почетокот . Како што рекоа, овој чин е знак на изразување револт поради тоа што, според тие, има уставобранители кои во моментов се неправедно притворени. Со ова, според тие, се искажува солидарност кон притворените од настаните од 27 април случени во Собранието на Република Македонија.
По ова, седницата продолжи, а градоначалникот Александар Наумоски истакна дека тој и советниците од владејачкото мнозинство остануваат во просториите да работат за доброто на граѓаните на Ѓорче Петров.