Советот на Општина Ѓорче Петров ја одржа првата седница во новиот состав на која се верификуваа мандатите на новите членови. Сите членови ги потпишаа свечените изјави дека, правата и должностите како советници ќе ги вршат совесно притоа почитувајќи го Уставот, законите и прописите на Советот и дека ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија.

Седницата ја отвори највозрасниот член од новоизбраните членови на Советот, Верка Перовска, која истакна дека новоизбраниот Совет е избран на општи, непосредни, слободни, фер и демократски избори. Истовремено истакна дека Советот ќе биде отворен за соработка со сите граѓани на општината  и потенцираше дека советниците ќе бидат чесни во својата работа и ќе ги следат интересите на граѓаните на општина Ѓорче Петров.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски го поздрави конструктивниот однос на опозицијата и истакна дека заедно со Советот ќе работи во интерес на сите граѓани на локалната самоуправа со убедување дека во четиригодишниот мандат ќе има одлична соработка со сите советници, се со цел Ѓорче Петров да прерасне во модерна и развиена општина. Во новиот состав на советот мнозинство ќе бидат советниците од СДСМ и коалиционите партнери кои имаат 13 членови, а ВМРО-ДПМНЕ како опозиција со 10 советници.