Граѓаните на Ѓорче Петров во Центарот за култура, имаа можност да ги видат делата на Димитар Аврамовски Пандилов, претставник на импресионизмот и еден од основачите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Уметничките дела на Димитар Аврамовски Пандилов се работени во предвоениот и повоениот период на дваесеттиот век, а на платното го прикажал македонскиот живот и поднебје.

Тој припаѓа на генерацијата сликари кои во минатиот век се издвојуваат со својата уметничка љубопитност и ги доживува и отсликува историските настани и моменти на борбата за националното ослободување на македонскиот народ што претставува историски потфат во процесот на создавањето и развојот на современата македонска ликовна уметност. Во соработка со Општина Ѓорче Петров беа изложени четириесет и четири дела на Пандилов кои се во сопственост на господинот Петар Дракул.