Денес, во општинска сала за состаноци се одржа вонреден состанок каде на дневен ред се најдоа актуелните пожари во општинскиот атар каде што изминативе денови на неколкупати избувнуваат пожари. На состанокот со кој раководеше Градоначалникот Сокол Митровски  присуствуваа претседателите на Месните и Урбани заедници, преставник од РЦУК –Карпош и командирот на ПС „Ѓорче Петров. „Поради високите  температури се зголемува и опасноста од настанување на шумски пожари на отворен простор, а ваквата состојба наложува поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштитата од пожари. Апелирам до граѓаните  да се вклучат во гаснење на пожарите, а претседателите на МЗ и УЗ да ја подобрат организациска поставеност на својата територија, а тоа значи да земат и самите граѓани активно учество во гаснењето на пожарите во рамките на своите можности, истакна градонаќалникот Митровски.

Предвидени се и скои средби со месното население на кои ќе се разговара за актуелната ситуација. Советникот за безбедност , Станоја Богев истакна дека меѓу граѓаните потреба е поголема мобилизираност и соработка во случај на избивање на нови пожари на територијата на општината како и  да се зголеми контролата на шумската полиција на терен. Пожарите кои настанаа на повеќе локации во руралниот дел од општината, С. Чашка, Грачани, Орман, Никиштани и депонијата кај р. Лепенец нанесоа големи штети. Последниот пожар што избувна во с. Орман е веќе локализиран но нов се појави на потегот околу караулата „Чашка“. Во неговото гаснење на жариштата  учествуваат припадниците на Бригадата за противпожарна заштита, месното население, како и вработени во комуналните служби при општина Ѓорче Петров. Ситуацијата и понатаму е сериозна на терен и затоа треба да се внимава каде се оставаат отпадоци, посебно празни стаклени шишиња и да не се фрлаат отпушоци каде ќе се стигне. На присутните на состанокот и е поделен и соодветен материјал со насоки за однесување и превенција за време на летните месеци кога пожарите се најактуелни.