Како е можно секој ден да има купишта смет, посебно околу контејнерите наспроти општината Ѓорче Петров? Дали граѓаните едвај чекаат да се испразнат и како под команда веднаш го „ надохнадуваат“ она што општинската комунална служба и ЈП „ Комунална хигиена “ предходно го подигнала. Навиките изгледа тешко се откоренуваат. Се организираат акции за подигање на кабаст отпад, а општинските комуналци секојдневно имаат полни раце работа. Подигаат се и сешто . Од стар мебел, пластични кутии преполни со градежен шут оставени покрај контејнерите, расфрлано ѓубре, стара облека, електрични апарати, стари вц школки, верувале или не дури и кади, искршени лавабоа и да не набројуваме затоа што списокот би бил поприлично долг.

А само на 50 метри има означен и заграден простор за одлагање на стари електрични апарати. Само, по се изгледа не им се носи толку „далеку“ она што можат да го остават покрак контејнерите. Ништо поинаква не е сликата ниту покрај контејнерите на други локации во општината.  Двата камиона кои ги поседува општината по неколку пати во денот раскреваат различен смет . Се чини дека и по цел ден да работат ќе нема ефект. Некој „ совесен“ граѓанин веднаш ќе го „пополни“ испразнетиот простор со нов смет. Неверојатна ситуација. Така ли ја чуваме околината каде што играат нашите деца? Така ли се грижиме за животната средина? Ни еден апел кој го упатува општината до граѓаните како да не допира до нив. Ниедна акција не се почитува , а лесно се критикува, демек општинарите не го собираат сметот на време. Изгледа дека требаат најмалку сто камиони и сто работници кои би работеле 24 часа па така некако би ги задоволиле „потребите“ на граѓаните.

Не оти не знаат општинарите како да го решат проблемот. Удри со казни , удри по џебовите на граѓаните и работата е завршена. Дали после ќе се фрла отпад каде што ќе се стигне? Дали тоа е единствената солуција која треба да се превземе за да се реши овој секојдневен проблем? Каде е самосвеста? Каде е самокритиката? Во Европа за неколку капки моторно масло кое истекло од вашиот автомобил казните се над 500 евра. Не дај боже да те фатат како фрлаш отпад на несоодветно место. Ќе  треба кредит  да се подигне за да си ја платиш казната. А кај нас? Се по старо. Сакаме едни на други да посочуваме како сме несовесни, како комшијата оставил ѓубре пред влезната врата, а  дали сме се запрашале  самите како придонесуваме за поубаво Ѓорче? Ако не проработи свеста ништо од нас. Но, ова е сепак Балкан-валкан. Нашите северни соседи имаат една прекрасна крилатица „ што јужније то тужније“. До кога?