Денес, во просториите на Општината Ѓорче Петров градоначалникот Сокол Митровски, прими делегација од Општината Поважска Бистрица, на чело со градоначалникот Карол Јанош . На делегацијата ú се придружи и директорот на ЈП „Јасен”, Оливер Андонов, преку кој се остварија првичните контакти со двете збратимени општини. Двајцата градоначалници разговараа за своите досегашни искуства и предизвиците со кои се соочуваат во своите општини и изразија желба за продлабочување на меѓусебната соработка на полето на културата, спортот и образованието. 

Градоначалникот Митровски истакна дека е многу важно да се слушнат и разменат искуства кои би се примениле во разни сфери од работењето на двете општини , а кои во иднина ќе бидат појдовна основа за надградување на взаемната соработка. Истовремено упати и официјална покана до градоначалникот Карол Јанош заедно со своја делегација да присуствува на 20 септември - Денот на Општината Ѓорче Петров и на тој ден да ја претстави својата општина со учество во дел од бројните настани со кои се одбележува својот празник.  Градоначалникот Карол Јанош со воодушевување ја прифати поканата за учество на Денот на Општина Ѓорче Петров и изрази желба и за почеток на соработката на полето на образованието, воедно запознавајќи се со системот на работа во училиштата кои се дел од двете општини. „Позитивната атмосфера која ја чувствуваме во вашата земја прави да ве чувствуваме за блиски пријатели и соработници, па со задоволство во следната прилика ќе ви презентираме и дел од своите фолклорни ора и танци препознатливи за нашето национално обележје.” Делегацијата ќе посети повеќе знаменитости  во главниот град Скопје, а ќе се запознае и со природната убавина на кањонот Матка и едно од најпрепознатливите места за туристите - старата турска чаршија.