На 30 јуни 2017 заврши четиридневниот летен камп по англиски јазик кој се одржа во ООУ„Тихомир Милошевски“ на кој учествуваа повеќе од 60 ученици од сите основни училишта во Општината Ѓорче Петров. Овој проект ја имаше целосната поддршка од општината, а го реализираше невладината организација „ Корени“. Дипломите на предавачите и учениците им ги додели градоначалникот Сокол Митровски кој воедно им се заблагодари на сите учесници. Митровски ја  акцентираше потребата од надградување на знаењето на учениците и сите други учесници во воспитниот процес во основните училишта.

„Тоа е само уште една можност за  надградба на знаењето. Имавте можност да се  стекнете сознанија нови методи и кои можат лесно да се применат но и имплементираат како редовни додатни настани во образовниот процес, а се во интерес на учениците. Изучувањето на англискиот јазик ,но и другите јазици и нивната употреба во секојдневието, е чекор поблиску до непречена комуникација со останатиот дел од светот.

Се надевам дека максимално ги искористивте четирите изминати денови да научите нешти повеќе за најговорениот светски јазик, а исто така се надевам дека доброто познавање на јазикот ќе ви помогне секогаш кога за тоа ќе се укаже прилика“, истакна Митровски и воедно им посака пријатен летен одмор на сите учесници. Директорката на невладината „ Корени “ Рашел Нил изрази желба овој камп да стане традиционален во општината Ѓорче Петров затоа што првичните искуства покажаа позитивни резултати во интерес на сите инволвирани во овој проект.