Во периодот од 29 до 31 мај 2017 година, младите ѓорчепетровци од основните училишта во општината, заедно со своите наставници-ментори по шести пат ќе бидат дел од манифестацијата „ Денови на електротехниката 2017” . Овој настан на кој учествуваат учениците од основните училишта од општините на територијата на Град Скопје, го организира средното техничко училиште на Град Скопје „ Михајло Пупин” под мотото „ Манифестација посветена на младите вљубеници во природните науки” .

Натпреварувањето меѓу учениците ќе биде дел од областа на наставниот предмет ФИЗИКА за деветто одделение во делот во кој се изучува електротехниката. Секое основно општинско училиште учествува со свој тим од три ученика и нивниот наставник-ментор, а превозот им го обезбедува Општина Ѓорче Петров.

Градоначалникот, Сокол Митровски, како и секогаш ги поддржува учениците, младите кои се иднината на Ѓорче Петров и на секаков начин им помага да ги развиваат своите таленти и вештини и да бидат успешни. Токму преку учеството на овие натпревари тие се мотивираат и поттикнуваат и за поголеми успеси во иднина, а тоа е и целта- традиционалните натпревари да продолжат да се одржуваат и да се развиваат и во насока на збогатување на содржините и во насока на вклучување на училишта и од други земји со што манифестацијата би се здобила и со меѓународен карактер.