Денес, 6 април 2017 година во просториите на Центарот за култура во Општината Ѓорче Петров се одржа тркалезна маса во рамките на проектот за зајакнување на капацитетите и свеста за демократија кај Ромите преку образованието. Се разговараше за начините на инклузија на младата популација на Роми, посебно децата, во образовниот систем, продолжување на образованието во средно и повисоки инстанци на образование со што би се отвориле пошироки перспективи за непречено вклучување на оваа популација во општествените текови. Исто така се дебатираше и за предизвиците жените Ромки ги имаат во процесот на образование.

Се разговараше и за улогата на невладиниот сектор во афирмација и изнаоѓање начини за поефикасно решавање на проблемите на кои наидуваат Ромите во секојдневието но и за зајакнување на соработката помеѓу НВО, медиумите, семејствата и директните чинители во образовниот систем, како и институции во општесвото кои можат да помогнат во афирмација на проблемите на кои наидува оваа популација на наши сограѓани, а со цел за нивно поефикасно решавање. На тркалезната маса учествуваа претставници од Општината Ѓорче Петров, од основните училишта во Општината, како и неколку невладини  организации од Скопје кои ја третираат оваа проблематика и директно се вклучени во активности за подобрување на состојбата на Ромите.