Гостите од Лесковац најдобри на турнирот во Ѓорче

Вчеравечер, на мултифункционалното игралиште во Ѓорче Петров, градоначалникот Сокол Митровски го додели пехарот и наградата од 120. 000 денари за освоеното прво место на четвртиот традиционален турнир во мал фудбал „Ѓорче Петров Куп 2017“. Во овој возбудлив спортски натпревар, екипата на „Скутери Влада Инвест Лесковац” славеше по изведувањето на пенали со 4-3, а во регуларниот дел натпреварот заврши со 1-1 за  „Светлост Куманово”. Учеството на екипата од Лесковац, Р. Србија посебно го збогати овој спортски настан која во овој состав има и играчи од фудсал репрезентацијата на Р. Србија,а додека во екипата на „Светлост Куманово“ играа играчи од фудсал репрезентацијата на Р. Македонија.

Спортската манифестација започна со настап на КУД „Поважан“ од Р. Словачка кои преку изведба на традиционалните народни песни, ора и обичаи покажаа дел од културното богатство што се негувало со години во нивната земја. Во борбата за третото место екипата на „Гостилница Старо буре “беше подобра  од „Пан такси Велес“. За трите најдобро пласирани екипи беа доделени пехари, дипломи и парични награди, а во рамките на оваа спортска манифестација ,Светозар Симоновиќ од екипата на„Скутери Влада Инвест Лесковац”, беше прогласен за најдобар играч.

Првопласираната екипа од Лесковац доби 120. 000 денари, второпласираната „Светлост Куманово“60.000 денари, а третото место „Гостилница Старо буре“ доби 30.000 денари. Парична награда доби и четвртопласираната екипа во вредност од 10 .000 денари. Наградата најдобар стрелец на турнирот му припадна на Дарко Ранготов. Без сомнение признанието за најдобар чувар на мрежата стигна во рацете на Иван Стојановски од „Светлост Куманово “, кој добиваше најголеми аплаузи за успешните мајстории во одбраната.

На турнирот годинава учествуваа вкупно 20 екипи поделени во 4 групи од 5 екипи. Сето ова говори дека четвртиот традиционален турнир „Ѓорче Петров Куп” ќе прерасне во елитна спортска манифестација за што говори самата организација, наградниот фонд од 220.000 денари , големиот интерес на пријавени екипи и бројната публика која ги следеше натпреварите во вечерните часови. За овој спортски настан, како и за многу други иницијативи за поддршка и развој на спортот дадоа и членовите на Советот на општината.