Ѓорчепетровци даруваа крв

Традиционално по повод Празникот на општината Ѓорче Петров, 20 Септември денеска се одржа крводарителска акција во организација на општината, а во реализација на истата учествуваа Црвениот  крст на градот Скопје и Институтот за трансфузиона медицина. Во периодот од 10 до 17 часот, во Центарот за култура – Ѓорче Петров над 70 хумани граѓани донираа крв и ја изразија својата желба да помогнат и да спасат нечиј живот.

Градоначалникот Сокол Митровски присуствуваше на крводарителската акција каде потенцираше дека секоја година е се помасовно дарувањето на крв по повод празнувањето на општината. „Задоволни сме од одзивот на денешната крводарителска акција. Меѓу дарителите имаше и такви кои имаат ретка крвна група, но и нови млади лица кои за прв пат даруваат крв“ истакна др. Анита Божинова Петковска од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје. Граѓаните кои даруваа крв на денешната акција  беа едногласни дека  треба несебично да се дарува крв и воедно упатија апел до младите да се јавуваат во се поголем број на ваквите настани. Многумина од нив истакнаа дека веќе петта година по ред редовно даруваат крв на овој ден. Покрај пригодните маички со логото на општината Ѓорче Петров, секој дарител доби и привезок со својата крвна група.