Детска ликовна колонија во Кучково

Локацијата Кучково традиционално и годинава ќе ги обедини најмладите уметници од основните училишта во општината Ѓорче Петров и од Градот Скопје. Ликовната колонија ќе се одржи на 26-ти Април (Среда) на три локации во селото Кучково , а учество ќе земат над 40 ученици од 6-то до 9-то одделение од општината и сите општини од градот Скопје. Младите сликари ќе сликаат на три локации на сред село стара чешма во селото Кучково, во манастирот св. Ѓорѓија, и во етно ресторанот „Старо буре“, а ќе цртаат со молив и јаглен, акрилни и темперни бои кои ги обезбедува општината.

Секое дете ќе добие препознатлива маичка со логото на општината. Творбите ќе бидат изложени на Општонародниот собир што се организира секоја година, на 1 Мај на платото пред Крстот во селото Кучково, а секое дете ќе го презентира своето дело пред присутните посетители. За децата обезбеден е бесплатен автобуски превоз од општината Ѓорче Петров до местото на настанот.