Делегација од Ѓорче во посета на Осечина

Трочлена делегација од Општината Ѓорче Петров, предводена од градоначалникот Сокол Митровски беше во посета на Општина Осечина Р.Србија на дванаесетиот по ред Саем на сливата, единствена ваква манифестација на Балканските простори на која покрај домаќините излагаат и други општини од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија. По иницијатива на градоначалникот Митровски, која со задоволство беше прифатена од градоначалникот на Осечина Драган Алексиќ, беше потпишана и Иницијатива за соработка и збратимување. Овие две Општини 10 години наназад имаат одлична соработка на сите полиња но немаа потпишано никаков званичен  документ со кој би се озваничила соработката.

 

„Со потпишување на Иницијативата за соработка и збратимување уште повеќе ќе се продлабочи досегашната соработка помеѓу нашите две пријателски Општини и се отвараат можности за поголема презентација на нашите стопански ресурси. Стопанствениците од Општината Ѓорче Петров има што да понудат на српскиот пазар и тоа во иднина треба да го иницираме како приоритет и за двете општини. Мораме да направиме се нашата соработка да се продлабочи и од неа да имаат бенефит и двете страни“, истакна градоначалникот Митровски во својата изјава за тамошните медиуми. Градоначалникот Алексиќ пак говореше за можностите на неколкуте стопански субјекти од ова прекрасно гратче кои би можеле да бидат интересни за македонскиот пазар, пред се производството на органска храна кое е приоритет на сите производители во Осечина. 

Документот кој беше потпишан во пријателската општина Осечина ќе треба да биде верификуван и од Советите на двете Општини со што истиот ќе стапи во сила.