Децата под маски ќе го одбележат Денот на шегата во Ѓорче Петров

Во организација на општина Ѓорче Петров, а во соработка со сите основни училишта и градинката „Росица“ во петок, 31 март во реонскиот парк во општината ќе се одржи манифестацијата Априлијада – Ден на шегата. По повод овој настан организирано е дефиле под маски кое ќе го реализираат учениците од сите основни училишта во општината како и дел од децата од градинката „Росица“. Дефилето под маски ќе започне во 12 часот каде децата ќе изведат музички точки од детскиот фестивал „Соната“. Секое училиште ќе ги претстави своите најуспешни и најкреативни маски, а комисијата составена од преставници од училиштата ќе ги избере најдобрите маски кои ќе добијат награди и пофалници за најдобра маска. Први април е датумот кога се одбележува Светскиот ден на шегата, но сè уште не се знае зошто овој ден станал “народен празник”. Некои веруваат дека се појавил кон крајот на средниот век во Европа и првичниот назив бил „Ден на сите луѓе”. Англичаните сметаат дека е преземен од Швајцарија и е поврзан со пролетните денови. Некои пак тврдат дека корените на Денот на шегата се од Стариот Рим додека некои истражувања покажаа дека празникот за прв пат се појавил во 16 век во Франција. Како и да е, во многу земји во светот се одбележува на различни начини, а во Сан Диего постои и Музеј на шегата во кој се објавени најдобрите шеги објавени во англосаксонските медиуми. Во секој случај, одбележувањето на овој ден е исто, принципот е речиси ист – сите треба да  се шегуваат.