30 години постоење на ООУ „Тихомир Милошевски“ од Ѓорче Петров

Само пред триесеттина години на една празна ливада во Ново Село , освен училиштето, кое тогаш било подрачно на ООУ „ Мирче Ацев”,  тука и таму можеше да се види по некоја куќа. Денес во овој дел од општината Ѓорче Петров има повеќе од 8 илјади жители. Децата од Ново Село, Кисела Јабука, Стопански двор и дел од Волково учат во училиштето „Тихомир Милошевски“, единственото училиште во Република Македонија кое го носи името на овој наш херој од времето на Втората светска војна и борбата против фашизмот.

Тихомир Милошевски е роден на 23 јули, 1915 година во селото Битуше, Дебарско. За народен херој е прогласен  уште во текот на својот живот во 1953 година. Неговата револуционерна работа оставила големи траги во македонската историја. Тој е првиот командант на Третата македонска ударна бригада. На првото заседание на АСНОМ е избран за народен пратеник. Вршел безброј републички и сојузни( југословенски) функции. Учествувал и на Сремскиот фронт, но и во Февруарскиот поход. Во 1958 година е поставен за командант на Новосадската воена област, каде останува сè до пензионирањето во 1962 година. Починал во април 1984 година.

Прославувањето на 30-годишнината на училиштето започна на 27 март 2017 година со литературни читања. На 28 март беше одржана ликовна колонија. Покрај ученици од училиштето- славеник во овие настани учество зедоа и ученици од другите општински училишта, гимназијата „Кочо Рацин“ и дечиња од градинката „Росица“. На 29 март во спортската сала во училиштето, родителите и учениците можеа да проследат едночасовна богата културна програма која за нив ја подготвија нивните деца, другари и наставници, а која изобилуваше со безброј музичко- танчерски содржини. 

На 30 март во Центарот за култура се одржа театарска претстава под наслов „ Генералот со почит за генералот“ каде што учествуваа наши познати актери и ученици од ООУ „Тихомир Милошевски“. Ова е прв пат во нашата земја на сцена да се изведе едно дело посветено на животот на овој наш голем македонски херој. 

Присутните со громогласно ракоплескање и нескриено воодушевување ги поздравија сите учесници во овој прекрасен перформанс. Гостите ги поздравија директорката Анета Божиновска и градоначалникот Сокол Митровски.