Советот на Општина Ѓорче Петров додели 250.000 денари за семејствата од опожарената зграда во Даме Груев

Денес, Советот на Општина Ѓорче Петров ја одржа 61-та седница на која советниците донесоа голем број значајни одлуки. Со едногласна одлука од Советот на општината беше донесена одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата од опожарената зграда во населбата Даме Груев во висина од 250.000 денари. Градоначалникот Сокол Митровски и членовите на Советот на општината Ѓорче Петров дополнително презедоа обврска од правните субјекти да обезбедат други материјални и финансиски средства за помош на најоштетниот граѓанин на кој му беше изгорен станот во целост.

Меѓу позначајните одлуки прифатени од мнозинството членови на советот беа Предлог-Одлуката за донесување на Урбанистички план за Кисела Јабука, Предлог – Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу општината Ѓорче Петров и Град Скопје за санација на ударни дупки, а беше продолжена и досегашната практика за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на општината во висина од 5.000 денари. На седницата беше усвоен и Извештајот за работа на ПСОН „Ѓорче Петров“ за 2016 година , кој го образложи командирот на полициската станица – Ѓорче Петров, Горан Однакозов кој рече дека презеле перманентни мерки и активности во рамките на своите законски овластувања, со цел да се спречат, превенираат и сузбијат сите форми на криминалитет и девијантно однесување. На дневен ред беа и одлуките за ослободување на надоместок од легализација на верски објекти, предлог програма за работа на Советот на Општина Ѓорче Петров, Извештај за извршување на Буџетот на Општина Ѓорче Петров за IV квартал од 2016 година , како и Предлог- Измени и дополнување на буџетот на Општина Ѓорче Петров за 2017 година (Ребаланс). Зелено светло добија и Предлог –одлуките за  измени и дополнување на програмите за урбанистичко планирање , комунални дејности и заштита на животната средина за 2017 година.