Сугарески во работна посета на општина Ѓорче Петров

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска ја посети општина Ѓорче Петров, при што оствари средба со градоначалникот Александар Наумоски.

По средбата во општината, Сугарески и Наумоски извршија увид во работите на 33-те улици во Кисела Јабука и Волково кои се асфалтираат во соработка со Министерството за транспорт и врски, преку ЈП “Македонија пат”.

Седум од улиците се веќе асфалтирани, а во подготовка се нови две. Очекувањата се дека до крајот на оваа година, доколку техничките услови дозволат, процесот ќе биде заокружен, со што тамошните жители ќе добијат асфалтирани улици, односно сообраќањето и движењето по истите ќе се врши нормално, а нема да има ниту проблеми при поголеми врнежи од дожд.

Во изјава за медиумите, Наумоски изрази задоволство од динамиката на одвивањето на проектите во соработка со ресорното министерство, но и нагласи оти со Сугарески веќе разговарале за нови проекти од интерес на граѓаните, особено во руралниот дел на Ѓорче Петров.

Градоначалникот информираше и дека стартува уште еден голем проект во соработка со министерството-поставување фекална мрежа во Волково. Со тоа, практично се завршува изведбата на последните 22 километри, со што остануваат 40 отсто неопфатени делови во ова населено место кои е планирано да се доизведат со нови проекти кои следуваат во иднина.

Сугарески, пак, рече дека е задоволен од работата во Ѓорче Петров и оти како централна власт ги поддржуваат општините, што значи дека и во иднина заеднички ќе продолжат да работат во насока на создавање подобри услови за живот на граѓаните.

-Периодов интензивно работиме на изградба и рехабилитација на патната инфраструктура, подобрување на водоводните и канализационите мрежи, изградба на пречистителни станици и санација на мостови – информираше министерот.