Сугарески во работна посета на општината-финиш на 33-те улици во Волково и Кисела Јабука

Во последна фаза е целосната реконструкција и рехабилитација на 33 улици во Волково и Кисела Јабука, од кои 20 се во Кисела Јабука на кои е поставен асфалт во вкупна должина од 2.445 метри, и 13 во Волково во должина од 1.783 метри, проект на Министерството за транспорт и врски, реализиран преку „Македонија пат“.

Овој проект кратко време беше закочен поради технички причини, но навремено е завршено на сите места каде беше потребна интервенција.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски посетија дел од улиците кои се во завршна фаза, при што искажаа задоволство од финиширање на овој значаен проект за тамошните жители кои претходно се соочуваа со долгогодишни проблеми поврзани со тешко движење и сообраќање по улиците, како и собирање вода и кал во врнежливи денови.

Воедно, Министерство веќе одобри и 42 милиони денари за доизведба на фекалната канализација во руралниот дел на Ѓорче Петров. Во тек е изработка на тендерската постапка која ќе заврши до крајот на оваа година, по што се очекува реализација.

Ова населено место ќе добие и уште еден крупен проект – кружен тек, со што ќе ја олесниме комуникацијата и поврзувањето на транзитниот сообраќај кон градот и магистралниот пат за Косово. Средствата се обезбедени преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во Волково, исто така, ќе се гради и најсовремената градинка во земјата со капацитет од 175 дечиња, целосно ќе се менува јавното осветлување со нови модерни лед светилки, а по 60 години, основното училиште „Јоаким Крчоски“  ќе добие нова спортска сала која веќе е во изградба. Со тоа, 400-тина ученици ќе добијат соодветни услови за физичко образование и рекреација. Во овој дел од Ѓорче Петров, проширен е и локалниот пат од Волково кон Кучково.