Состанок со потенцијалните корисници на средства за промена на фасади и кровови на згради

Во врска со проектот “енергетски ефикасни домови” на станбени згради за колективно домување, во oпштината се одржа работен состанок меѓу Комисијата за спроведување на јавен повик со повеќе потенцијални корисници на средства од страна на заедници на сопственици и управители.

Присутните беа информирани дека од досегашните апликации, нема ниту една која во целост ја има доставено документацијата која е потребна, при што од 20 апликанти, седум се во најнапредна фаза, додека на останатите 10 уште треба да се работи. Три апликации се на многу ниско ниво и во оваа фаза тешко може да бидат прифатени.

Од овие причини, и на инсистирање на градоначалникот Александар Наумоски, Комисијата пристапи кон организирање работна средба на која уште еднаш заедно со претставници од “Хабитат Македонија” прецизно се објаснија сите фази на проектот, процедури и потребна документација.

Присутните го поздравија ваквиот транспарентен начин на работа, а се донесе заклучок во кој се задолжија седум потенцијални корисници на средства да донесат конечна одлука за учество во проектот на кој е потребно да бидат потпишани минимум 51% од станарите, а предност ќе имаат оние апликанти кај кои овој процент е најголем и да ја достават до Комисијата и “Хабитат Македонија” со цел да се пристапи кон следна фаза. Таа фаза е конечно одобрување на поддршката од страна на општината и регулирање на процедурите, по што следи изработка на проектна документација и техничка спецификација, избор на изведувач и финално-реконструкција на фасада и кров на станбени згради во Ѓорче Петров.